НОВОГОДИШНО ИНТЕРВЈУ СО “ФРОНТМЕНОТ” НА ДРЖАВНИОТ ИНСПЕКТОРАТ ЗА ЖИВОТНА СРЕДИНА, ДАРКО БЛИНКОВ
ЕДИНСТВЕНО СТРУЧНИ ЛИЦА СО ДОЛГОГОДИШНО ИСКУСТВО МОЖЕ ДА ДОНЕСАТ ПРОГРЕС ВО ОБЛАСТА НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА
Toj e исклучителен експерт за инспекцискиот надзор во животна средина и е еден од најзаслужните во нашата држава за она што претставува денес Државниот Инспекторат за животна средина во македонски, регионални и пошироко во меѓународни рамки. Секој добар познавач на оваа област во Македонија знае дека под ТОЈ се крие името на Дарко Блинков-Даре, познат и како Блинкер кој цели 23 години работи професионално, со многу љубов, ведрина и пред се голем ентузијазам во ресорот животна средина. Има уште многу причини заради кои Г-дин.Блинков е соговорник во новогодишното интервју на платформата Environment.mk
Environment.mk: Кој е всушност Дарко Блинков ?
Роден во Скопје во предвечерието на големиот православен празник Св.Никола, 18.12.1969 година во хороскопскиот знак Стрелец, што означува работа на полето на спортот кој е негова голема пасија и јавните установи, накусо комуникација со луѓе што според кажувањата на многумина негови колеги и пријатели е една од неговите главни карактеристики. За него велат дека е непресушен извор на информации за животната средина и посебно за тајните на инспекцискиот занает како што вели самиот, секогаш спремен несебично да ја сподели информацијата и своето богато искуство со многумина од неговата фела. Основното образование го завршил во училиштето Лазо Трповски во скопската населба Карпош 3 каде и ден денес живее фамилијарно, средното образование во Гимназијата Орце Николов, а по струка всушност е дипломиран шумарски инженер-дрвна индустрија.
Своите почетоци на полето на спортот-неговот големо хоби ги има направено во спортското радио Канал 4, потоа патот го води во Радио-БУС, ПРОФМ Радио, потоа работи во списанието специјализирано за спортска прогноза Оркан, па Макспот ТВ, за да потоа застане зад микрофонот во спортската редакција на приватната ТВ Скопје, а во меѓувреме станува и уредник на списанието за спортска прогноза ТОТО, кој излегува како подлисток на Утрински Весник, а ја уредувал и рубриката за Спортска прогноза секој четврток во дневниот весник Дневник. Паралелно со овие активности работел и во комисијата за уредувањето на тикетот за Спортска прогноза во поранешната Лотарија на Македонија. Страста за спортот е и ден денес според кажувањата на Блинков незгасната, посебно за Азурите и Италијанското Калчо. За време на студентските денови за да заработи за џепарлак има работено во поранешната фабрика Скопјанка за производство на минерална вода, потоа во култната скопска видеотека Цепелин, во пиљара, има разнесувано дневни весници и млечни производи по станови во едно преубаво минато време од неговото детство, за кое говори со многу емоции и сеќавања и вели дека секогаш ја почитувал народната изрека “Не седи џабе, не работи џабе”.
Пред неговото професионално вработување во тогашното Министерство за Урбанизам, Градежништво и Животна средина работи во приватната фирма Естамп од Скопје на компјутерска припрема на разни книги, останати печатени изданија, анализи итн.
Во април 1998 година започнува неговиот работен век во ресорот животна средина за кој ќе каже дека е посебно горд бидејќи како еден од првите тројца-четворица млади лица до ден денес учествува во градењето и растот на институциите за животната средина како што се министерството, односно Државниот Инспекторат за животна средина. Самиот вели: Многу ми даде министерството и инспекторатот, но и јас достојно вратив преку своето работење.
Интервјуто поради коронавирусот го реализиравме по електронски пат.
Environment.mk: Г-дине Блинков раскажете ни за Вашите почетоци во ресорот животна средина
Започнувам да работам како што наведовте и претходно во април 1998 година на проблематиката со квалитетот на воздухот во Скопје, благодарејќи на донацијата на Јапонската Влада која се состоеше од 4 автоматски мониторинг станици за квалитетот на воздухот во главниот град, заедно со за мене драгите колеги Хрисанти Ангеловска, Сашо Секуловски и Емилија Ќупева-Неделкова, ние сме практично првите чевторица од младите кои тогаш станавме дел од министерството и дел од тимот кој учествувал и сеуште учествува во растот и на министерството и инспекторатот. Само неколку месеци по моето вработување заминав на еден исклучителен двомесечен Тренинг во Јапонија за Индустриско загадување со посебен осврт на аерозагадувањето, кој и ден денес и после цели 20тина години е длабоко врежан во мојата меморија. Имам особена чест што напролет, искрено се надевам во многу посреќната 2021 година ќе бидам дел од втор тренинг, кој за жал поради епидемијата со коронавирусот ќе се одвива преку интернет, посветен на управувањето со опасниот отпад и инспекциските надзори. И овој тренинг е финансиран од Јапонската Влада преку Јапонската Агенција за Меѓународна Соработка. Јапонија е некоја друга планета, тој што ја посетил знае за што говорам, со посебен сенс за човечко почитување, култура, историја, традиции за ботанички градини, цвеќе, ритуали за прочуениот јапонски зелен чај, иновации, техника итн. За овој период посебно би ги нотирал луѓето без кои нема да можев да бидам она што сум денес, а тоа се Сокол Клинчаров, мој гуру ако може така да се изразам, сега активен пензионер во осмата деценија од животот, една извонредна личност, исклучителен геолог, експерт за областите отпад и процена на влијанијата врз животната средина, тоа е човекот кој ми ја отвори ширум вратата и ден денес сме во блиски контакти и секогаш се советувам за одредени чекори и активности кои треба да се превземат за одредена проблематика. Исто така треба да го споменам и тогашниот потсекретар, практично првиот неформален министер за животна средина Михаил Мишко Димовски човекот кој ја трасираше независноста на Министерството за животната средина во декември 1998 годината, како и превземањето на Централната Лабораторија за животна средина од РЖ Институт-Железара и креаторот на вмрежувањето на инспекциските служби од регионот, човек кој се вложи многу и преку Регионалниот центар за животна средина-РЕЦ многу помогна во подигањето на капацитетот за спроведување на законодавството од областа на животната средина цели 20-тина години и овозможи наше учество на мноштво тренинзи, конференции, влегување во Европската Мрежа на Инспекторатите за животна средина, еден е од најзаслужните за растот и на министерството и посебно на Државниот Инспекторат за животна средина. Првите 2 службени возила во тој период ДИЖС ги доби токму од РЕЦ. Со Мишко сме исто така во исклучително добра и континуирана комуникација, иако тој веќе две децении живее и работи во Будимпешта, но е чест гостин во Македонија, регионот и пошироко. Периодот од моето работење во првите 5 години во министерството, односно во Секторот-Македонски Информативен центар за животна средина каде и тогаш и сега работат исклучително драги и многу стручни колеги посебно во делот квалитет на воздух каде и се одржува Државниот Автоматски Мониторинг Систем за квалитетот на воздухот е во мое посебно сеќавање, тогаш започна градењето на мрежата на станици по четирите скопски, со првите станици во Куманово, Кочани и Кичево, продолжи со Битола, Велес, Лазарполе итн., а тој период беа и моите први контакти со стручни лица од Германија, Чешка, Јапонија, проектите преку програмите PHARE и CARDS водени од тогашната Европска Агенција за реконструкција како претходница на сегашната Делегација на ЕУ и секако контактите со наши стручни лица како што е еден Трајче Стафилов исклучителен стручњак со кого сум во постојана комуникација и со него сме и соседи во најубавата скопска населба Карпош 3, како и ред други еминентни професори како што е основачот на МАНУ и Земјоделско-Шумарскиот Факултет во Скопје, Академик Ѓорѓи Филиповски и многу други македонски експерти.
Environment.mk: Би сакале да ни кажете за деновите кога станувате дел од Државниот Инспекторат за животна средина и Вашиот минат труд како државен инспектор
На 1 ноември 2003 година преминувам во Државниот Инспекторат за животна средина во моменти кога инспекторатот беше со минимален број на инспектори кои сега се веќе пензионери. Инспекторатот е формиран пред 24 години, согласно тогашниот Закон за заштита и унапредување на животната средина и природата од 23 декември 1996 година и со овој закон уште тогаш беа планирани инспектори за воздух, инспектор за отпад, инспектор за бучава…односно инспектори по медиуми и области нешто што во блиска иднина е за очекување да биде и дел од некоја нова реорганизација на ДИЖС како евергрин на овој прв краток и мошне прецизно конципиран закон. Веднаш по моето доаѓање во ДИЖС започнувам со вршење инспекциски надзори во областа на животната средина и природата, тогаш водостопанството сеуште не беше дел од ресорот животна средина, бев одлично примен од повозрасните колеги, а мој ментор тогаш беше Иван Камењарски, сега пензионер со кој активно комуницираме и ме воведе во тајните на инспекцискиот занает, бидејќи и оваа професија како и секоја друга претставува занает кој се изучува со пракса, а не само со теоретски предзнаења. Имав прилика да вршам надзор во сега веќе поранешни фабрики како еден ОХИС-Органско Хемиска Индустрија Скопје, потоа Алумина, комплексот Железарница и да почувствувам дел од едно сега веќе минато фабричко време. Тука е и Депонијата Дрисла која за разлика од пред 2 децении има огромен напредок, иако во периодот што следи треба да се инвестира уште многу за да биде во чекор со сите нови трендови и најдобро достапни техники за искористување на отпадот за производство на електрична енергија. За времето на мојот инспекторски работен стаж од 2003 заклучно со крајот на 2014 година ми поминаа многу настани, инспекциски надзори со различна тежина, меѓународни тренинзи и учества при изработка на годишни програми, планови, стратегии, како на пример Достигнувањата во Животната средина кои ги изготвува Економската Комисија за Европа при Обединетите Нации во Женева каде учествував во тимот од македонска страна во сите три ревизии. Тој период го означи и растот и пробивот на ДИЖС во меѓународни рамки, вмрежувањето на инспекциските служби од поранешна Југославија со инспекциските служби од Европа, каде заедно со мојот почитуван колега Зоран Димовски од Битола успеавме меѓу првите да го трасираме европскиот и светски пат на полето на промоција на инспекторатот, како и учество во многу заеднички проекти, тренинзи на повеќето од вработените во ДИЖС притоа работејќи на многу анализи, истражувања, прирачници итн. Морам да кажам дека од тогаш до денес за жал, Инспекторатот и стручните лица од ДИЖС и МЖСПП се многу повреднувани на европско и светско рамниште за разлика од нашата Македонија, каде последниве неколку години од би рекол исклучително неодговорни и неинформирани поединци за оваа област континуирано се фрла пизма по медиумите и социјалните мрежи, но тоа говори за елементарното воспитување на овие лица. Имало проблеми и секогаш ќе ги има, но единствено со коректен пристап може да се решаваат, а тимот на ДИЖС нема да соработува никогаш со некој кој не му мисли добро на инспекторатот и министерството, девалвирајќи ја работата со најразлични невистини и омаловажувања.
За ДИЖС можам да кажам дека е мошне компактен како колектив и има изградено однос со сите засегнати страни во процесот на подобрување на состојбата со животната средина преку спроведување на законските одредби и овој однос континуирано се негува и надградува од страна на сите вработени во делот на размена на информации, консултации со искусни инспектори не само во нашата област туку управни инспектори како и инспектори од другите државни инспекторати, потоа стручни правни лица од министерството и одличната соработка со правосудните органи. Можам да кажам дека сум горд на колегите и ростерот на Инспекторатот каде во моментов имаме 5 магистри, 1 доктор на науки и исклучително стручни и посветени инспектори кои имаат одлични теоретски и практични теренски познавања и децении искуство зад себе, а се разбира и посветен административен дел од Инспекторатот.
Паралелно со инспекциските работи работев цело време на изготвување на разни аналитички извештаи, годишни планови и извештаи за работата на инспекциската служба, презентации, учесник сум во многу проекти, обучувач, низ моите раце се поминати околу петнаесетина државни ревизии од разни области од животната средина од кои последните две се во меѓународен контекст. Имам работено на неколку проекти во соседно Косово со колегите од инспекторатот и министерството со кои имам мошне добра комуниакција и соработка, впрочем како и со инспекциските служби од регионот со кои сме во секојдневна комуникација и негуваме навистина одлична соработка. Инспекторатот од 2006 година станува членка во Европската Мрежа на Инспекторатите за жвиотна средина, каде последниве десетина години сум национален координатор и сум многу среќен дека преку мултидисциплинарната соработка со колегите од сите европски инспекторати и пред се благодарение на Европската Унија, ДИЖС беше грантиран со ЕУ Твининг Проект со вредност од 1 милион евра.
Десетина години од 1998-2008 година водев две Работни Групи во Обединетите Нации, Женева за Мониторинг на животната средина, односно Протоколот за Регистарот на Загадувачи и пренос на загадувачки материи, овој протокол е дел од трите столба на Архуската Конвенција кој го ратификуваше своевремено и македонското собрание, меѓутоа за жал сеуште не е апликативен како корисна алатка. Се надевам дека колегите од МЖСПП набргу ќе го стават во функција како дел од целиот Информативен Систем за животна средина.
Сум имал привилегија да бидам дел од безброј тренинзи, обуки, работилници, конференции, панел дискусии, сум бил тренер, обучувач и презентер, а најдрага ми е секојдневната работа со колегите од ДИЖС и секако со локалните инспектори за животна средина од општините во Скопје и Македонија со кои секогаш се надополнуваме.
Во моментов сум раководител на Одделението за Аналитика, Поддршка и Меѓународна Соработка и најголемиот дел од сите документи кои се од витално значење за работата на ДИЖС се дел и од моето секојдневие.
Environment.mk: Меѓународната соработка на ДИЖС за која Велите дека сте особено горди и соработка со институциите во Македонија.
Да тоа е токму така, да се надоврзам таму каде што застанав на последното прашање. Од 2000 година ДИЖС е дел од пошироката балканска мрежа за спроведување на законодавството каде заедно со новите членки на ЕУ од Централна и Југоисточна Европа трениравме заедно и ги градевме макотрпно дел по дел капацитетите за спроведување на законодавството од областа на животната средина не само во Македонија туку и во регионот. Станавме дел од Европската Мрежа IMPEL на Инспекторатите за животна средина, потоа опсервери во Европската Мрежа на обвинители за животна средина заедно со македонското здружение на јавни обвинители со кое имаме континуирана соработка како и со здружението на судии со кои имаме мноштво заеднички тренинзи на полето на борбата со криминалот во животната средина. Дел сме од Европол и Интерпол, односно од подмрежите за Криминал во животната средина и имаме реализирано повеќе оперативни акции заедно со Царинската Управа и Одделот на Европол при МВР со кои имаме континуирана долгогодишна соработка во делот на отпадот и природа. Дел од активностите се на пример во мај 2008 година детектирани недозволени активности со опасен отпад на границата помеѓу Косово и Македонија со транспорт на отпадно масло од Иран, потоа илегална трговија на ембриони од т.н стаклена европска јагула, обид за илегален транспорт на е-отпад, пред неколку години во камион со отпадна хартија беше пронајдено големо количество марихуана, итн. а последна акција беше Ретровирус посветена на медицинскиот отпад кој потекнува од пандемијата со коронавирусот и активностите се одвиваа од месец март-април заклучно со септември оваа година, за што имаше и посебно соопштениe на Интернет страницата на Инспекторатот www.sei.gov.mk. ДИЖС веќе една декада е и дел од т.н систем на зелени царини ЕУ-Тwix каде на дневна основа се разменуваат на светско ниво оперативни информации за можна недозволена трговија со загрозени видови флора и фауна.
Во 2015-2016 година во период од 18 месеци беше реализиран ЕУ ТВИНИНГ Проект за зајакнување на административниот капацитет за спроведување на законодавството од областа на животната средина на централно и локално ниво. Практично може да се каже дека најзаслужна за она што е денес Инспекторатот е Европската Унија и Делегацијата на Европската Комисија во Македонија која многу темелно, искрено, континуирано и целосно ги поддржува и помага активностите на ДИЖС преку повеќегодишната оперативна програма за предпристапно членство IPA, но не само ДИЖС туку ресорите животна средина и транспорт воопшто, но за жал евидентирано е дека нема задоволителна апсорпција на трошењето на средствата од IPA 2, а веќе сме на прагот на Програмата IPA 3. Во рамки на овој проект беа одвоени и средства од дополнителни 750.000евра за десет службени возила, потоа 35 деск компјутери, 12 преносни компјутери, 12 печатари, сервер, проектор како и опрема за индикативни мерења за вода која е отстапена на користење на јавни установи како Центрите за јавно здравје во Скопје, Велес, Тетово и Битола, потоа ХС Стрежево Битола, ХС Лисиче-Чашка, ХС Пехчево, Хидробиолошки Институт Охрид, добиена е и опрема за бучава и софтвер кој го користи МЖСПП, градот Скопје и општините Битола Тетово и Куманово. Навистина голема помош од страна на ЕУ.
Инспекторатот учествуваше изминативе две години во програми во рамки на Балканмедитеран програмата каде заедно со Грција, Бугарија, Албанија и Кипар беше дел од два проекта, едниот за мапирање на водните живеалишта во овој регион тука учествуваме заедно со Факултетот за Туризам и Угостителство од Охрид при УКЛО, Битола, а вториот проект беше заедно со Општина Охрид каде се поставени сензори на 11 локации секој од нив мери по 5 еколошки и 3 метеоролошки параметри и податоците се видливи преку сите модерни алатки и платформи за засегнатата јавност, а овој систем не е дел од државната мрежа и служи за проектни потреби за планерите на територијата на општината Охрид за идни мерки и активности во делот на квалитетот на амбиенталниот воздух. Исто така се наместени и 15 филтри за индивидуални домаќинства кои користат дрва односно јаглен за загревање на домовите за зафат на цврстите честички. Овие проекти се популарни во регионот посебно во градовите каде има проблем со аерозагадувањето. Во рамки на меѓуграничната соработка заедно со Центарот за развој на Југоисточен регион сме дел од Проект Грција-Македонија за биодизверзитет и туризам на заштитени со закон подрачја при што се изготвуваат повеќе проектни документи меѓу кои и за Моноспитовско Блато.
Од ЕУ Твининг Проектот каде бев Постојан Домашен Советник со координативна улога на сите активности, реализирани се три студиски патувања, мноштво тренинг модули, изготвени се повеќе анализи на системот за инспекциски андзор во животната средина, предлози за подобрување, потоа корисни листи за проверка и факти за индустријата која е најзастапена на двете нивоа во Македонија, прирачник за водење на инспекциската постапка, Предлог Закон за инспекција во животната средина кој се надевам дека согласно Планот за предпристапно членство ќе биде усвоен до крајот на јуни 2020 година, интернет страница, брошура за правата и обврските на инспекциските служби и субјектите кои се предмет на надзор, потоа прирачник за начинот на земање мостри со акредитирани лаборатории за животна средина согласно ISO17025, Тренинг курикулум за инспекторите, Предлог за вмрежување на сите инспекциски служби во една неформална мрежа. Исто така изработена е посебна Методологија за процена на ризиците при планирање на инспекциските надзори со посебен софтвер кој го работеше колегата Дурак Арифи од Тетово и во европската база во Келн, Германија фигурира и македонскиот јазик со кириличното писмо за софтверот кој е комплетно преведен на македонски јазик за што сум посебно горд. Искрено се надевам дека дел од најважните резултати и продукти кои досега не се користеа во периодот што следи ќе бидат воспоставени како Е-Архива, веќе нотираниот закон, а еден од заклучоците на Поткомитетот за животна средина, транспорт… ЕУ-Македонија е дека 6 месеци по усвојувањето на законот, ДИЖС треба да предложи врз основа на проектните анализи и актуелата состојба измени во инспекцискиот систем за животна средина во Македонија се со цел зголемување на ефикасноста на службите за спроведување на законодавството од предметната област. Проектот го водеа админситрациите на Галиција-Шпанија, Холандија и Португалија, а учествуваа преку 30 еминентни инспектори од Хрватска, Италија, Грција, Полска, Германија и од трите наведени партнер држави. Во проектот учествуваше тимот на ДИЖС и сите локални самоуправи од Македонија кои имаа назначено овластени инспектори за животна средина, која бројка денес е не повеќе од 50% од вкупниот број на општини во Македонија.
Покрај сето погоре наведено Инспекторатот учествува во сите проекти кои се реализирани преку Министерството за животна средина и просторно планирање кои се однесувале на Интегрираните Еколошки Дозволи, Води, Отпад, Природа, итн., потоа треба да се нотира одличната повеќе децениска соработка со Канцеларијата за заштита на озонската обвивка и Канцеларијата за Перзистентни Органски Загадувачи, каде и јас и дел од тимот на ДИЖС учествуваше на разни настани од проекти за детектирање на присуство на полихлорбифенилни масла во трансформатори, потоа проект за отпадни индустриски и моторни масла, а имав можност да учествувам на едно студиско патување во Хановер Германија со посета на една од најголемите компании за рециклирање на отпадни масла, потоа серија на тренинзи за фреони, за заштита на озонската обвивка, проект за детекција на отпадни пестициди, проектот за ОХИС течни отпадни хемикалии и винилхлоридот кој целосно Инспекторатот го следеше од неговата реализација до крајот како што и во текот на 2021 година ќе биде проследен и проектот за отстранување на отпадниот линдан од малата депонија кој ќе го релизира грчката компанија Полиеко која има своја подружница во Македонија.
Државниот Инспекторат за животна средина целиот период од своето постоење соработува со МАНУ, Универзитетите, посебно Шумарскиот Факултет Скопје при УКИМ Скопје, Факултетот за Безбедност, Скопје при УКЛО Битола каде јас сум реализирал мноштво презентации заедно со Проф.Марина Малиш-Саздовска за студентите, со сите државни и локални институции, граѓанскиот сектор, медиумите, дел сме од мноштво проекти, истражувања итн., имаме нагласена соработка со стопанските комори.
Environment.mk: Во претходното прашање беше споменато и загадувањето на воздухот, односно состојбата со индустријата во Македонија, кое е Вашето мислење како долгодишен инспектор и стручно лице за овие проблеми и сегашни состојби ?
Аерозагадувањето е проблем кој е долгогодишен повеќедецениски и искрено кажано овој проблем побарува многу посветеност од сите учесници во процесот, а пред се време и средства, како и впрочем целото Поглавје 27 Животна средина и климатски промени кој искуствено е најобемно и најскапо, а Македонија без финансиска помош од ЕУ и други донатори нема да може самостојно да одговори на предизвицте во блиска иднина. Аерозгадувањето е најизразено во зимските месеци односно тогаш кога има температурна инверзија и нема проветрување во атмосферата, од месеците октомври-ноември заклучно до крајот на февруари и посебно е евидентен за котлините, скопската, полошката, Кичево, Битола, Велес. Постојат видео записи за состојби во Македонија од почетоците на седумдесетите години посебно за скопската котлина и регион односно почетоците на индустријализацијата по катастрофалниот земјотрес 1963 година во Скопје. Во тие времиња кога се градени индустриските објекти посебно во источниот дел од главниот град, околу комплексот индустрии на пример цементарницата или комплексот железарница немало стамбени објекти во непосредна близина, за да после 35-40 години со непланска урбанизација има објекти кои се први соседи на фабричките огради и секако настануваат проблеми. Македонската индустрија од поголем обем генерално има навистина доста вложено во подобрување на перформансите за животна средина, вложувања во опрема, технологии, човечки реурси и има високостручни и искусни лица кои работат долги години во делот за животна средина. Секогаш може подобро, но и полошо и фокусот на ДИЖС како што беше во периодот 2006-2008 кога благодарение на голем број инспекциски надзори од страна на Инспекторатот целата индустрија аплицираше за добивање или преодни или т.н чисти интегрирани еколошки дозволи, во периодот што следи ќе биде следење на перформансите на индустријата базирано на методологијата за процена на ризици, т.е планирање на надзорите врз основа на претходни индикатори и посебно внимание на квалитетот на истите кое е основата за целиот инспекциски надзор. Улогата на инспекциските служби и согласно начелата на Законот за инспекциски надзор и ЕУ Директивите е пред се превентивна, а во краен случај санкционирање. Но, општа е констатацијата дека инспекциските служби во екс југословенските држави сеуште ќе се доживуваат за жал како репресивни органи, а погрешно е мислењето дека со квантитет на инспекциски надзори или со голем број санкции ќе се решат одредени проблеми, иако одлично е што за одредени законски повреди се менува казнената политика и врз основа на факти и докази да следат и поголеми санкции за прекршителите. Законот за прекршоци и досега е најдетално усогласен во законодавството од областа на животната средина и се надевам дека набрзо ќе се изгласа во македонското собрание.
Честопати јавноста по социјалните мрежи реагира со слики од фабричките емитери чија што намена е токму канализирано испуштање на емисии во атмосферата, дека станува збор за можно загадување, без да се утврди фактичка состојба преку инспекциски надзор согласно услови пропишани во дозволата за мониторинг. Не секогаш органолептички мириси или визуелни состојби значат дека станува збор за одредено загадување на воздухот. Од топланите и од други постројки има и спуштање на т.н технолошка пареа и сл. Меѓутоа, се сложувам дека јавноста треба континуирано да се информира за состојби со животната средина преку стручни извештаи изготвени од министертсвото, односно општинските сектори за животна средина и извештаи за инспекциски надзори, но само по правосилност на целата постапка по одреден предмет. Единствен официјален извештај за состојбите со квалитетот на амбиентниот воздух е на МЖСПП-Државниот Автоматски Мониторинг систем за квалитет на воздухот и само согласно обработените податоци и информациите од МЖСПП, Инспекторатот може да постапува во делот на засилени вонредни инспекциски контроли кои секако искуствено инспекторите во текот на зимскиот период ги планираат во редовниот план.
Голем проблем е индивидуалното затоплување и неможноста без посебен налог да се влегува во домовите, затоа што правото на приватност е неприкосновено. Сеуште не е забранет јагленот, не постои посебен правилник за квалитет на цврсти горива, исто така дозволени енергенси се и мазутот и петрол коксот за индустриски потреби согласно дозволите, а не се забранети ниту дрвата за огрев. Главен проблем е влажноста на дрвата поголема влажност двојно го зголемува емитирањето на јаглероден диоксид и квалитетот на јагленот, петрол коксот итн. За мазутот согласно правилник дозволено е 1%количество на сулфур и тоа одамна се применува и почитува и е во делокруг на надлежност на Државен Пазарен Инспекторат. Може како предлог да се направи и проект за т.н владино село во касарната Илинден каде би се сместил владин кампус на сите институции на едно место и би се намалиле врвулиците во централното градско подрачје, а и вработените кои доаѓаат надвор од Скопје преку заобиколница би оделе директно во кампусот, со тоа се намалува и сообраќајот во скопските рингови. Администрацијата не би губела време за состаноци и патување на разни локации низ градот се би било на едно место, а и граѓаните кои би сакале да завршат одредени обврски во државните институции би го имале на едно место, со можност за директни автобуси до кампусот од сите делови на Скопје.
Инспекторатот има посебен фокус кон управувањето со отпадот посебно индустрискиот и опасниот отпад, посебно сега кога сме на прагот на усвојување на нови два закона, целосно изменет Закон за управување со отпадот и измени во останати закони од оваа област и веројатно во блиска иднина ќе треба да има назначено и државни инспектори за животна средина со специјалност за областа отпад, бидејќи законодавството е навистина обемно околу 25 законски и 250 подзаконски парчиња легислатива по кои постапува Инспекторатот. Отпадот е посебно проблем на локално ниво со илјадниците сметилишта за кои треба да се издвојат средства за чистење и секако повеќе напори за одржливоста потоа. Добро е на пример што се издвоени средства за расчистување на сметилиштето во Визбегово како најсвеж пример, останува за решавање старата депонија Вардариште каде има и гас метан кој може да се искористи, потоа сметилиштето во Ѓорче Петров покрај Лепенец и ред други сметилишта на јавни површини и водотеци низ Македонија. Прво нешто што го гледаме како граѓани е јавната чистота на улиците и парковите, ја чувствуваме бучавата која е исто така еден од горливите проблеми, а тука немаме никаков прогрес како држава, секако го дишеме и чувствуваме воздухот, така што треба да се вложат многу средства и напор на сите поединци и институции во системот за подобрување на одредени состојби за нас и идните генерации.
Остануваат да се решаваат постројките од областа енергетика, РЕК БИТОЛА и ОСЛОМЕЈ, но веќе и таму се заокружува процесот на еколошките дозволи, односно најавени се поголеми вложувања согласно истите за подобрување на перформансите за животната средина.
На крајот на краиштата човекот како битие на Планетата Земја е всушност и најголемиот загадувач на животната средина. Кога ќе помислиме од домовите колку зафаќаме вода, потоа испуст на вода, користење енергенси за затоплување, отпад од најразлични продукти, па до работни простории по институции итн, важен е фактот дека подобрувањето на состојбата со животната средина зависи од секој поединец. Сега на пример кога ќе профункционира и станицата за пречистување на отпадни води во Скопје, ќе имаме уште еден трошок за испуштање и пречистување на отпадните води и секако треба да бидеме рацио во сите животни постапки и потрошувачка.
Environment.mk: Што значи инспекциската постапка ?
Постојат повеќе постапки, управна која ја водат министерствата, оптштините односно сите институции кои издаваат управни акти како што се дозволи, мислења, решенија итн, потоа инспекциска постапка која ја спроведуваат инспекциските служби од две нивоа и различните области, секако прекршочната и кривичната постапка и тука е и форензичката постапка т.е прибирањето доказен материјал за одредени вонредни несакани дејствија.
Во управните и инспекциските постапки согласно постоечкото законодавство не учествуваат наименувани лица заради легалноста на самите постапки, односно во овие постапки учествуваат само стручните лица кои работат на издавање на управни акти и инспектори кои имаат овластување преку лиценца. Овие служби се самостојни во постапките посебно инспекциските служби. Исто така при инспекциските надзори не смеаат да учествуваат ниту граѓански здруженија кои може единствено да јавуваат за одредени појави за кои ценат дека се сврзани со екоинциденти или деградација на животната средина, исто така несмеат да учествуваат ниту медиуми кои имаат единствено информативна улога заради легалноста на целата постапка, односно инспекцискиот надзор го водат исклучиво само овластени лица, а тоа се инспекторите кои поседуваат лиценца и се самостојни во постапката. Како што имаат права и обврски инспекторите така права и обврски имаат и субјектите кои се предмет на надзор. Заради запазување на постапката, односно до правосилноста на сите акти во инспекциска постапка не се известува за наодите од инспекцискиот надзор до јавноста во детали и не би смеело да се споделуваат фотографии, тоа се врши откако еден предмет ќе има правосилност, ќе повторам заради легалноста на целата инспекциска постапка. Доколку со Записник за констатација при инспекциски надзор се утврдат наоди, во рок од 8 денови треба да се поднесе решение со корективни мерки, забрана за одредени активности, а доколку не се стори ова од страна на инспекторот, се смета дека дејствијата покренати по тој предмет се завршени. Мошне е важно да се каже дека постои член за одговорност на службени лица согласно Законот за животната средина, правен субјект може да бара на основа на утврдени состојби изземање на инспектор, односно доколку во рок од 7 дена по писмено доставување на одредена претставка не биде одговорено или странката не е задоволна од одговорот и постапувањето следна инстанца до која може да се пожали е Државен Управен Инспекторат.
Во новиот Предлог Закон за инспекција во животната средина се втемелени сите одредби на Резолуцијата на Европската Комисија за Минимум критериуми за инспекциските служби за животна средина од 2001 година, како и одредбата дека извештаите за спроведени инспекциски надзори во инсталации кои подлежат на Интегрирани еколошки дозволи ќе бидат достапни до јавноста 2 месеци по зваршување на надзорите, односно по правосилност на сите акти водени во одредена постапка. Исто така е наведено е дека надзор над работата на локалните инспектори за животна средина врши ДИЖС согласно опишана процедура, а не како што сега стои во Законот за животн ата средина, но за жал без опишана процедура како да се врши ова дејствие. На крајот на инспекциската постапка да кажам дека постојат три видови на надзор, редовен планиран за кој инспекторите треба да го најават надзорот, вонреден за кој надзор инспекторите немора да го најват надзорот, но при надзорот да ги наведат причините поради кои се врши вонреден надзор и контролен инспекциски надзор доколку е изготвен акт во постапката како што е решението со одреден рок.
За Прекршочната постапка како што реков и претходно, Законот за прекршоци е најдетално усогласен со Законот за животната средина и останатите закони од областа. Постојат три категории прекршоци, првите две категории условно се пониските санкции и доколку се утврди одреден прекршок се оди со платен налог-глоба кој доколку се плати во рок од 8 дена се преполовува. Доколку не се плати инспекторот покренува прекршочна постапка до Комисијата за прекршоци при МЖСПП која ја донесува конечната одлука и ја следи исплатата на санкцијата, односно го предава предметот на Управата за јавни приходи доколку нема плаќање согласно решението на Комисијата за финално извршување од страна на УЈП. Третата категорија се највисоките санкции, во моментов е 100.000 евра во противвредност и доколку не успее постапката за посредување пред Комисијата за посредување која е втората комисија која работи при МЖСПП се оди на Основен Суд каде што е сторено делото.
Кривичната постапка е постапка каде сите кривични дела се предмет на Кривичниот Законик, посебно поглавје и за овие дела исто така инспекторите се независни и самостојни во постапката доколку оценат дека имаат материјални докази покренуваат ваков вид постапка.
Форензичката постапка е постапка за прибирање на материјални докази при случаи на пример на еколошки инциденти, но треба да се напомене дека инспекторите во било која област не смеат да вршат мерења, ниту пак се истражители, вешти лица или проценители на штета, единствено што имаат законска надлежност е да вршат мониторинг над спроведувањето на законските одредби, односно условите во дозволите, елаборатите пропишани од страна на МЖСПП. Надзор над работата на сите инспекторати, како и над општините и министерствата за управните постапки врши единствено Државен Управен Инспекторат, односно Државен Завод за Ревизија со одредени планирани редовни или вонредни ревизии.
Постои т.н регулаторен циклус каде најважно е организацијата и тука би навел дека МЖСПП по мое мислење и иксуствено од европските министерства треба да се реорганизира и да постои мало МЖСПП кое е надлежно за стратегиите и политиките во областа на животната средина, посебни Агенции за животна средина, Води и Природа во комбинација со Шумарство кои ќе ги вршат стручните работи и најдобро е да се организираат по плански региони како подрачни единици, посебен Фонд за животна средина и единствен систем на Инспекција во животната средина само на централно ниво кој ќе делува надвор од ростерот на министерствата и општините. Во 15те години децентрализација кои се навршија во месец септември оваа година за жал со мноштво проекти и анализи финансирани од проекти на ЕУ, USAID, утврдени се големи проблеми и празнини во областа на урбанизмот и градежништвото, комуналната сфера и животната средина, а посебно во дејствувањето на инспекциските служби за животна средина на локално ниво. Вториот сегмент на регулаторниот циклус е легислативата и квалитетни управни акти, дозволи од повеќето области, потоа следува примената и спроведувањето на законодавството и на крај да се направат анализи за да се заокружи целиот процес и од практично искуство таму каде што се детектирани проблеми да се дејствува со нови решенија.
Може да се каже дека и Законот за инспекциски надзор кој не е европски закон изминатава декада врз основа на мноштво анализи не ги дава очекуваните резултати, односно многу споро се одвиваат реформите во оваа област, а многу од инспекциските служби имаат финансиски проблеми, проблеми со ИКТ опрема и најголемиот проблем е со човечки ресурси. Секако проблем е пандемијата и редовното работење на инспекциските служби, кај нас дополнителен проблем беше и опожарувањето на поранешните простории и цели 70тина денови ДИЖС работеше само теренски, сега сме привремено сместени во Палатата Емануел Чучков каде користиме 6 простории за да продолжиме непречено со канцелариското работење. Сепак благодарение на тимскиот дух и големото искуство, и покрај здравствените проблеми на дел од вработените каде имавме 6 лица со корона вирус кои се сега рековалесценти, други две лица со останати здравствени проблеми успеавме да се реорганизираме, да ставиме во функција се она што е потребно за непречено работење и да продолжиме да работиме согласно Годишниот План за работа, да ги изготвуваме навреме сите законски документи. Буџетот е идентичен како основниот во 2020 односно околу 30 милиони денари наменети за реализација на активностите од инспекциска, административна и финансиска природа, а дополнителни 15 милиони денари се за заокружување на проектните активности на ЕУ проектите каде ДИЖС беше учесник. Се надевам на нови вработувања на инспектори и помлади инспектори за да се продолжи тренажниот процес и зајакнување на административниот капацитет, бидејќи во блиска иднина ова е најзначајната област, по завршувањето на процесот на транспонирање на ЕУ законодавството во националното законодавство. Засега имаме 1 помлад инспектор за животна средина во Скопје кој веќе самостојно од јануари 2021 година ќе врши инспекциски надзори согласно моментната работна позиција и методологија за сложеност на инспекциските надзори по закони. Станува збор за навистина посветена помлада инспекторка, која со Одделението Скопски регион изминатиов период од 1.5 година имаше одличен практичен тренажен процес со искусни колеги инспектори и моите предвидувања се дека ќе прерасне во одличен инспектор. Инспекторатот има обезбедно комплетна заштитна опрема за сите инспектори, која во моментов се обновува, а сите инспектори имаат поминато сосодветна обука за Безбедност, Здравје при Работа и целиот колектив има животно осигурување.
Environment.mk: За крај кои се предизвиците во наредниот период ?
Согласно последните два извештаи за Прогресот на Македонија во Поглавјето 27 Животна средина и Климатски промени, посебно последниот кој е крајно незадоволителен и реален не очекуваат огромни обврски и период на напорна работа како ресор, треба да се зајакнат напорите во тие области и медиуми од животната средина каде не е детектиран никаков значителен прогрес. Што се однесува на инспекцијата во животната средина напоменав и претходно потребни се брзи реформи кои можат да ги направат единствено стручни лица од оваа област и инспектори со долгогодишно искуство кои имаат интегритет, потоа брзо да се донесе Законот за инспекција во животната средина кој е основата за целиот понатамошен концепт за тоа во која насока ќе се движи инспекцискиот систем во животната средина и уште еднаш ќе напоменам клучна е улогата на Европската Унија која дава големи финансиски средства во областа животна средина. ДИЖС има стручни и искусни инспектори кои сиве овие години и децении го носат бремето на инспекцискиот занает и се она што го носи со себе и негативното и позитивното.
За крај сакам да се заблагодарам за можноста за ова новогодишно интервју, ми претставуваше особена чест и задоволство, а Вашата платформа согледувам има евидентно сеопфатни содржини за различни вкусови и ние ќе останеме во меѓусебна комуникација. Ви благодарам што имате исклучително коректен однос со целиот ресор животна средина и посебно со ДИЖС, ги поздравувам сите Ваши пријатели и читатели, сакам да ги поздравам драгите колеги од ДИЖС, потоа ценетите колеги од МЖСПП посебно Канцеларијата за Комуникација со јавноста, колегите од општините во Скопје и Македонија со кои имаме секојдневна комуникација и сите останати познаници и роднини.
Од мое и од името на моето семејство кое е сржта на се она што сум постигнал досега, Ви посакувам просперитетна 2021 година и убави Божиќни празници, да останеме сите во добро здравје и со добра мисла мудро да чекориме напред низ животните премрежја.